Во близина на градот Сао Паоло, на 30-тина километри од брегот на Бразил, се наоѓа островот Куемада Гранде (Ilha da Queimada Grande) попознат како змиски остров. По своите димензии и карактеристики, овој остров е многу сличен на островот Голем Град во Преспанското Езеро. Куемада Гранде е издолжен во меридијански правец, со максимална должина од 1,63 км, а најголема широчина од 530 м (наспроти 750 м должина и 450 м широчина на Голем Град). Бразилскиот остров зафаќа површина од 43 хектари, додека пак Голем Град е со површина од 23 хектари. Следна сличност е што двата острови се тешко пристапни, со бројни клифови и карпести отсеци, со тоа што Куемада има повисок врв (126 м) во однос на Голем Град (51 м). Сепак, она што можеби најмногу ги „поврзува“ двата острови е тоа што го носат прекарот „змиски остров“. 

Loading...

Бразилскиот остров на змиите е дом на ендемскиот род Bothrops, поточно на видот златната змија-Bothrops insularis која спаѓа меѓу најотровните змии на светот. Всушност, златната змија е единствен вид на островот, на која воедно и се заканува изчезнување бидејќи нема друго природно живеалиште, а опасноста од голем шумски пожар на островот е секогаш присутна. Се претпоставува дека на одредени места на островот живее по една змија на секој кватратен метар. Според службените податоци на Биолошкиот факултет од Сао Паоло, на островот живеат околу 2000-4000 змии и не постои јасно дефинирано објаснување зошто баш тука се населиле.

Некои научници сметаат дека островот пред 11.000 години бил составен дел од копното кое се одвоило, а змиите кои останале на островот, развиле посебен вид на смртоносни отрови за да преживеат убивајќи птици.

Каснувањето од овој вид змии предизвикува смрт за помалку од еден час, а отровот е толку моќен што го распаѓа човечкото месо. Други последици од него се откажување на бубрезите, некроза на мускулното ткиво, крварење во мозокот и внатрешно крварење. Дури и ако веднаш добиете анти-отров, шансите да умрете уште се прилично големи.

На островот живеат само змии кои главно се хранат со птици, повремено имало неколку жители кои се грижеле за светилникот кој е изграден на островот.  Според некои кажувања во 19. век имало едно трочлено семејство кое живеело во единствениот светилник.
Според преданието, мајката и ќерќата починале токму од смртоносниот отров на змиите, додека таткото некако преживеал. Според друга легенда, на островот имало уште еден жител, рибар кој настрадал исто така од змиите. Дури и неколку спасувачи кои дошле по рибарот исто така настрадале од змиите.

За овој остров е врзана и една легенда за закопано богатство. Томас Кевендиш бил познат англиски истражувач од 16-ти век кој својот плен од патување го сокрил негде во близина на бразилскиот брег како би го заштитил.

Богатстото никогаш не е пронајдено, а се претпоставува дека го сокрил на Змискиот остров, и дека тоа сеуште го чека својот сопственик.

Има и легенда за тоа како на островот се наоѓа и богатството на Инките, поради кој бразилската влада постојано е во внимание некој да не го посети островот.

Всушност, ловци на изгубено богатство има многу а тие и до ден денес проучуваат каде би можеле да се најдат древни вредности и украдено богатство кое пирати го сокриле.

Денес пристапот на ова место е строго забранет поради големата опасност. Посетата на островот подлежи на голема парична казна, а забраната важи од 1985 со одлука на бразилската влада. Исклучок се единствено научниците кои можат да го посетат островот со дозвола.

Освен нив, островот ги привлекува и дивите ловци кои доаѓаат да ги ловат златните змии кои ги нема на ниту едно друго место на светот, освен на овој остров, а на црниот пазар достигнуваат цена од 10.000 до 30.000 долари.

Заради интересните карактеристики, уникатниот пејсаж и привлечноста, неколку светски познати телевизии како Discovery, National Geographic и бројни други, имаат свои документарни емисии посветени на Бразилскиот остров на змиите.

 

Извор: wikipedia, National Geographic, Animal.com , vice.com

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here