Во Њујорк има вкупно 36 ненаселени острови и 42 кои се користат за трговија. Во оваа сторија пишуваме за еден мистериозен остров со трагична историја што бил напуштен пред околу 55 години и каде пристапот е забранет за пошироката јавност.
Станува збор за островот Норт Брадер со површина од 8,9 хектари каде има чувствителен екосистем и денес е природен резерват а се чини дека веќе одамна и птиците се иселени од таму.
Сместен е на опасен дел од реката Ист Ривер. Од едната страна е во близина на њујоркшките населби Бронкс и Менхетн а од другата страна е островот Рикерс каде се наоѓа најпознатиот затвор во Њујорк. Островот е познат и како „Пеколна капија“, каде досега потонале неколку бродови.
Со најмогу жртви е несреќата во јуни 1904 година, во која параброд наречен “Генерал Слокум” се запалил и потонал во реката. Преживеале само 321 патник а телата на 1.021 од настраданите патници со денови пловеле по реката.
Истражувачи од Универзитетот Пенсилванија неодамна направија истражување во врска со зачувувањето на островот и се размислува повторно да се дозволи пристап за посетители.
Островот прв пат бил откриен во периодот меѓу 1611 и 1614 година од холандскиот морепловец Адријан Блок, но останал ненаселен во наредните речиси два и пол века. Неговата историја е испреплетена со смрт, болест и распаѓање.
Во 1885 година на островот била префрлена болницата Риверсајд каде се лекувале и чувале во изолација болни од заразни болести.

Мери Малон е еден од најпознатите пациенти на овој остров, која како нетипичен носител на патоген за тифоидна треска, ги поминала последните 30 години од животот изолирана на овој остров, каде и умрела во 1938 година. Болницата била затворена набрзо потоа.


По Втората светска војна на островот биле сместени воени ветерани заедно со нивните семејства, но откако бил решен проблемот со недостиг на станови на главното копно, островот повторно бил напуштен сѐ до 1952 кога почнал да се користи како место за рехабилитација на возрасни зависници од дрога.

Зависниците од хероин биле носени на островот и заклучувани во соба додека не се одвикнат од дрога. Се смета дека голем дел од нив не дале согласност да бидат држени во изолација. Во 1963, поради голема корумпираност на вработените и високата стапка на неуспешност во рехабилитацијата, установата била затворена. Проектот бил прогласен за неуспешен.


Еден од ретките фотографи кои добиле дозвола за седумчасовна посета на островот ќе рече:
„До ден денеска, ова е најфасцинантното место што некогаш сум го посетил и фотографирал“.