Kорисниците на услугите за кабелска телевизија на ВИП и Телеком, можат да ги раскинат договорите без да плаќаат пенали, откако операторите укинаа дел од програмите, велат од Агенцијата за електронски комуникации.

Од први јануари операторите ВИП и Телеком ги укинаа каналите „Дискавери“ и „Јуроспорт“, заменувајќи ги со други канали. Корисниците на нивните услуги можат да ги раскинат договорите бидејќи не се испочитувани одредбите на договорите.

Loading...

„При склучување на договорот операторот се обврзува да му ги гарантира на корисникот каналите кои ги нуди во моментот на негово склучување. Доколку дојде до ваква ситуација, да се укинат канали тогаш корисниците можат слободно да побараат раскинување на договорот без да платат пенали. Прво можат да се обратат до операторот и доколку не им биде одговорено треба да поднесат приговор во АЕК. Ние ќе им издадеме решение дека операторот го прекршил договорот и претплатникот може во секој момент да го раскине“, велат од Агенцијата за електронски комуникации.

Изминативе три дена голем број граѓани реагираа на исклучените канали, велејќи дека клучен фактор за склучување на договорот со операторот биле спортските канали.

До сега во АЕК се стигнати 48 приговори по овој основ, а од таму очекуваат кон крајот на месецов бројот да биде поголем.

„За два работни дена оваа бројка е голема. Очекуваме после 20 јануари да имаме поголем број приговори бидејќи корисниците најпрво приговор поднесуваат до операторот, па ако не им биде позитивно одговорено се обраќаат кај нас“, додаваат од АЕК.

Документарните канали на „Дискавери“ и спортските канали „Еуроспорт“ се исклучени од понудата на операторите „Оне-Вип“ и „Македонски Телеком“ по одлука на самите оператори, информираа од агенцијата „Креативне идеје“, што ја застапува корпорацијата „Дискавери комјуникејшенс“, сопственик на исклучените канали.

„И покрај нашата отвореност и добра волја за преговори, изненадени сме и воедно разочарани од фактот што, двата оператори симултано ја донеле одлуката да ја прекинат нашата долготрајна соработка и воедно да ги лишат гледачите со драстичен и ограничен пристап, со остранување на глобално најгледаниот број еден спортски канал“, се вели во соопштението од агенцијата.

„Креативне идеје“ ги поттикнува клиентите да комуницираат со операторите и да изнесуваат барања за враќање на телевизиските канали во понудата. Од таму исто така соопштуваат дека продолжува долгогодишната соработка со „Телекабел“ и останатите регионални оператори во Македонија кои и понатаму ги пренесуваат каналите.

Агенцијата посочува дека „Еуроспорт“ може да се следи на Интернет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here